Ќе биде ли вклучен црвениот аларм во Брегалница ? „Сините“ паднаа на седмото место и се без победа на последните пет натпревари!

Силекс преку луд-пресврт го доби источното дерби против Брегалница и во Кратово се врати со три бодови, откако со 2:3 славеше над „сините“ во Штип во меч од 11. коло од Прва лига.

Брегалница го впиша четвртиот сезонски пораз и се спушти на седмото место на табелата со 12 освоени бодови. Битката за опстанок во фудбалската елита на Македонија се разгорува бидејќи екипите од долниот дел на табелата бодовно се блиску една во однос на друга. Иако пред стартот на сезоната битката беше насочена за обезбедување на „виза“ за Европа, сега битката се насочува кон сигурен опстанок.

Брегалница има 12 бодови колку што има и шестопласираната Македонија ЃП, додека пак Работнички со 11 бодови е на осмата позиција, а пак Академија Пандев и Победа со по 8 бодови ја делат деветата позиција.

Веќе во следното коло штиските „сини“ играат клучен меч против Академија Пандев на домашен терен. Овој меч е повеќе од важен и за двете екипи со цел да побегнат од долниот дел на табелата.

Црвената тревога е вклучена во Струмица, бидејќи „пандевци“ се во длабока резултатска криза и немаат триумф на последните пет натпревари, а од друга страна ниту Брегалница нема победа на последните пет натпревари, па сосема сигурно е дека црвениот аларм мора да биде вклучен и во Штип.

Двете екипи ќе се соочат на Градскиот стадион во Штип во меч каде трите бодови ќе бидат императив и за двете страни без право на грешка.

  • ТАБЕЛА СО ФОРМАТА НА ЕКИПИТЕ ВО ПРВА ЛИГА ОД ПОСЛЕДНИТЕ 5 НАТПРЕВАРИ:

Токму 12-тата рунда од ПМФЛ може многу работи да промени особено во долниот дел од табелата, кај екипите кои во моментот собираат „зимница“ за полесна пролет кога е во прашање опстанокот.

Промена на врвот нема, Струга е лидер со 25 бодови, а потоа следува Шкендија која има шест бода помалку и се наоѓа на второто место. Шампионот Шкупи со победата над стружани се проби на третото место со 18 бодови, колку што има и Силекс кој е на четвртото место на табелата.

Тиквеш се стабилизираше и се искачи на петото место со 16 бодови, а на дното е Скопје со 5 бодови.

  • ЦЕЛА ТАБЕЛА ОД ПРВА ЛИГА:

Последна тренерска „жртва“ во ПМФЛ е младиот стратег Славчо Георгиевски, кој ја презеде одговорноста за резултатите на Скопје. Претходно, поради лошите резултати „жртви“ беа и Марковски (Работнички), Шаќири (Шкендија), Костов (Тиквеш) и Стојчев (Академија Пандев).