
Ланскиот второлигаш Осогово игра одличен фудбал во Трета лига – Исток, по шест кола се врати на врвот од табелата, откако во дербито за врвот во Свети Николе славеше со 2:4 над шампионот Овче Поле.
„Жетварите“ продолжуваат со одлични натпревари и се вратија на врвот од табелата со 16 освоени бодови. Третолигашот од Кочани кој лани испадна од Втора лига – Исток, сезонава цели кон освојување на врвот и со тоа преку баражот да направи експресен кам-бек во единствената Втора македонска фудбалска лига.
На второто место е Тиверија со 13 бодови, а ист број на бодови има и Овче Поле, кој сега е на третото место на табелата. Струмичани „кикснаа“ во Градско Балдовци каде одиграа 1:1 против Спартмани и не го искористија поразот на Овче Поле за да наметнат поголем притисок кон лидерот од Кочани.
Овче Поле кој лани беше шампион во Трета лига – Исток и играше бараж за влез во Втора лига, но беше убедливо поразен од Арсими, сезонава ќе има потешка задача во однос на ланската сезона, доколку сака да го повтори истиот успех и да одигра уште еден бараж.
Рудар со „петардата“ против Карбинци направи голем прогрес на табелата и се наоаѓа на четвртото место со 12 освоени бодови или 4 негатива од лидерот Осогово. По неколку години пауза од третолигашкиот фудбал во Пробиштип, „рударите“ сега имаат одлична шанса да направат изненадувања доколку продолжат со одличните игри.
Брегалница го доби Малешевското – Пијанечко дерби против Малеш на домашен терен во Делчево и со тоа се искачи на петото место на табелата со 9 бодови, додека пак Малеш се спушти на шестото место со 8 бодови, и со тоа е далеку од баражот за Втора лига.
Новајлијата во Трета лига – Исток, екипата на Академија Чешиново-Облешево одлично се пронајде и бележи солидни резултати. Новиот третолигаш на Истокот по шест одиграни кола собра седум бодови, доволни за седмата позиција, а по седум бодови имаат и Карбинци и Дојранско Езеро.
Спартмани пред стартот на новата сезона ангажираше неколку квалитетни засилувања, но по шест кола третолигашот од струмичко Градско Балдовци има слаби резултати, само еден триумф, две ремија и три порази, со вкупно 5 бодови е на 10-тото место на табелата.
Победа од Валандово се врати во третолигашкиот фудбал, и по шест одиграни натпревари собра само 4 бодови и се наоѓа на претпоследното место на табелата, додека пак Вардарски од Богданци, кој по долги години пауза се врати во Третата македонска фудбалска лига, не игра според очекувањата. Третолигашот од Богданци има само еден освоен бод и се наоѓа на дното од табелата и со тоа го очекува тешка борба за опстанок.
- Цела табела од Трета лига – Исток по шест одиграни кола:
