ЈП „Стипион“ со 6.000.000 денари загуба во 2021 година, Советот не го усвои извештајот

Советот на Општина Штип не го прифати извештајот за работа на ЈП „Стипион“ за 2021 година. По неколку забелешки и констатирана загуба од околу 10.000.000 денари, извештајот не беше усвоен. Директорот Игор Ефтимов даде образложение за програмите и годишната сметка, но ниту една програма за работењето не прифатија и Комисијата за урбанизам, комунални дејности и заштита на животна средина и Комисијата за финансирање.

„Кај годишната сметка имаме приходи од 55.313.190 денари, вкупно трошоци 65.383.140 денари, односно претпријатието е во загуба од 10.069.950 денари. Меѓутоа, да потенцирам, овде имаме 4.138.964 денари коишто се отпис на побарување, односно ова се побарувања на некои заостанати обврски коишто не ги има претпријатието „Стипион“, туку се провлекуваат од „Штип – проект“, па бидејќи тие никогаш нема да бидат земени како пари, се направи комисија којашто ги констатираше овие обврски и се бара за отпис“, образложи директорот Игор Ефтимов.

На прашањето на советникот од ВМРО – ДПМНЕ, Душко Иванов, за што била потрошена загубата, образложението е дека зголемени трошоци има во делот на канцелариски материјали, ситен инвентар, гориво, трошоци за соопштенија и слично.

„За тие останатите 6.000.000 денари, кои се загуба, доколку може да ни кажете, во кој дел е загубата? Кои се причините за загубата на јавното претпријатие?“, праша Иванов.

„Во врска со останатите 6.000.000 денари коишто се пријавени како загуба, можам да кажам каде има зголемување на трошоците на ЈП „Стипион“ за 2021 година за разлика од 2020 година. За канцелариски материјал во 2020 година имало протрошено 75.000 денари, а во 2021 година имало 186.000 денари. За ситен инвентар во 2020 година биле 50.000 денари, во 2021 година за истото биле 154.000 денари. Трошоците за 2020 година се 1.434.000 денари, а во 2021 биле 2.081.000 денари. За комуналната такса за паркирање во 2020 година има 938.000 денари, во 2021 година биле 1.618.000 денари. Трошоците за соопштенија во 2020 биле околу 500.000 денари, а во 2021 се над 1.000.000 денари“, објасни Ефтимов.

Согласно со извештајот, јавното претпријатие во претходната година за одредени програми бележи дури двојно повеќе трошоци, што го доведува до шест милионска загуба.

Ребека Спасова М-Нет