
Бугарската националност на Ива Михаилова нема никакво значење за постапката што се води против неа, велат од Oсновното Јавното обвинителство на Македонија. По пишувањата во бугарските медиуми дека нејзината националност може да има улога во случајот, М Нет ТВ побара одговор од Обвинителството. Од таму велат дека постапката се води според македонските закони и дека националноста воошто не е релевантна за постапката. Обвинението за сообраќајната несреќа со смртни последици, како што велат од Обвинителството, е поднесено врз основа на докази и е одобрено од судот.
“Основното јавно обвинителство Кочани постапува целосно во согласност со законските прописи, а националноста на обвинетата не е воопшто релевантна за постапката. Поднесеното обвинение за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици е засновано врз обемен доказен материјал, истото е одобрено од надлежниот суд и се води судска постапка“, велат од обвинителството
Инаку, Михаилова ја отфрла вината и тврди дека несреќата не настанала по нејзина вина. Таа по несреќата побара да и бидат вратени личните документи, одземени како дел од мерките на претпазливост, за да може да продолжи со лекувањето надвор од земјава. Барањето беше одбиено од Основниот суд во Кочани, а одлуката ја потврди и Апелациониот суд во Штип. Нејзиното судење продолжува за 28 септември.
Иван Митев, М-Нет