Јана Ѓошевска е ново засилување за амбициозниот Металург Автокоманда

Екипата на Металург Автокоманда за новата сезона во женската ракометна Суперлига се засили со Јана Ѓошевска, која доаѓа од редовите на Куманово, а во минатото настапуваше за екипата на Спартак.

Металург Автокоманда гради тим со кој во новата сезона ќе атакува на високи цели, а тоа е атак на првото место и освојување на шампионската титула, но дополнително се подготвува и за настапот во Европскиот Куп каде ќе се соочи со турскиот тим Гореле.

Новото лево крило на Металург Автокоманда е осмо засилување во тимот, а претходно како што веќе информиравме Металург Автокоманда ја продолжи соработката со Анастасија Трпеска, Таида Беровиќ, Сара Миновска, Исидора Котевска, Марија Гугуљанова и Амра Терзиќ, а беа промовирани Симона Грујовска, Стефани Ристиќ, Ивана Димоска, сестрите Бојана и Борјана Коцеви, Софи Ѓошевска и Анастаслија Величковска.

Минатата сезона Металург Автокоманда заврши на 3. место во Суперлигата и обезбеди место во Европскиот Куп, а во новата сезона од Суперлигата која е поделена на три групи, Металург Автокоманда ќе игра во група Б каде ќе игра со екипите на Гевгелија, Куманово, Пелистер и Овче Поле.

Новата сезона ќе започне на 7. септември.

Александар Ванев, М-Нет