Штип ја одбележа 79-годишнината од депортирањето на Евреите во логорот Треблинка

79 години откако од логорот на стравот, ужасот и смртта, Треблинка, во Штип не се врати никој. За грозоморното убиство и уништувањето на еврејското население од Македонија зборуваат само документите и споменците, пред кои и оваа година се одбележа годишнината, а останаа сеќавањата. На свеченоста присуствуваа претседателот на еврејската заедница во Македонија, градоначалникот на Општина Штип и амбасадорките на САД и Обединетото Кралство во земјава. Во општинската зграда прво се одржа свеченост, па присутните маршираа до споменикот на Евреите.

„Граѓаните на Штип и Евреите живееа сплотено, сложно, во љубов и хармонија. Нацистите едно вакво студено мартовско утро ги собраа и ги однесоа во логорот Треблинка. Никој жив не се врати од таму. Јас само уште еднаш сакам да им се заблагодарам на граѓаните на Штип што ни до ден денес не го заборавија тој трагичен настан“, истакна Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во Македонија.

Делегациите положија свежо цвеќе и со пригоден говор се потсетија на жртвите на фашистичкиот терор. Амабасадорките искажаа благодарност за поканата да присуствуваат на комеморацијата. Градоначалникот, пак, посака јубилејното 80. одбележување да биде во мир и сплотеност на светот.

„Ситуацијата којашто се одвива моментално во светот нѐ потсетува да не заборавиме на тоа што веќе се има случено со Холокаустот, но и дека не смееме да го заборавиме и да дозволиме повторно да се случи истото. Слава им!“, порача амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј.

„Во овие тешки времиња во светот важно е не само да ја паметиме историјата и да учиме од неа, туку и да пристапиме кон сплотеност. Многу сум благодарна на сите коишто се овде денес што сум дел од ова и што можам да ја претставувам мојата земја на овој многу важен настан“, додаде амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз.

„Овој ден носи големи пораки со себе, затоа што тоа што се случило во минатото не треба да се повтори. Но за жал сведочиме дека продолжуваат насилствата, нациите ги користат оружјето и насилството како инструмент за доминација. Посакувам догодина на одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на Евреите од нашиот град да испишеме страници на мирот во целиот свет“, порача градоначалникот.

Споменикот во Штип ги бележи имињата на 535 депортирани Евреи од Штип и го симболизира нивниот животен пат, а „линијата на животот“ е прекината на 11 март 1943 година.

Ребека Спасова М-Нет