
Со положување свежо цвеќе и пригоден говор Штип одбележа 119 години од смртта на Гоце Делчев. Штип Делчев го памети како учител и директор на училиштето во штипско Ново Село. Како прво машко дете од децата во кукушкото семејство на Делчеви, ученик во солунската машка Гимназија и член на училишниот револуционерен таен кружок, тој само ја зачнува својата дејност за ослободување на поробената татковина. И се чини како сѐ да е во знакот на бројот четири, вели Зоран Митев, наставник по Историја.
„Денес кога повторно го чествуваме најголемиот, највредниот и најопеаниот син на мајката Македонија, кога му се поклонуваме на човекот со кого се гордееле, се гордеат и ќе се гордеат генерации и генерации Македонци и кога му оддаваме почит на најсветлиот лик од нашата богата историја, не може да не се присетиме на неговиот кус, но исклучително содржаен животен пат. Се чини дека во тој животен пат судбинската улога ја одиграл бројот четири. Тоа е така затоа што е роден во четвртиот ден од месец февруари, затоа што загинува во четвртиот ден од месец мај, затоа што неговата македонштина ја манифестира преку љубовта кон четирите свети букви од кратенката ВМРО, затоа што исто толку букви содржи неговото име, кое започнува на четвртата буква од нашата азбука“, истакна Митев.
Претставници од институциите кои го носат името на Делчев, Училиштето, Универзитетот и Библиотеката, претставници од Општина Штип, Советот на Општина Штип, политички партии, Армијата, полицијата, членови на Сојузот на борци и останати граѓани положија свежо цвеќе пред спомен – бистата на Гоце Делчев, а неговите лик и дело ги поздравија со зборовите „Слава му!“.
„Неговото име ги воодушевуваше македонските поколенија, со тоа име македонските прогресивни сили ја водеа борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување. Ликот и делото на Гоце Делчев секогаш биле и ќе останат предизвик за сите генерации Македонци. Нам со нашите постапки ни преостанува да ја заслужиме достојноста за да се наречеме негови следбеници. Секогаш благодарни, вечна слава, апостоле!“- додаде Митев.
Делчев во двокласната Новоселска гимназија при II клас предавал геометрија, историја на природата, географија и француски јазик. Бил правичен и строг учител, но учителствувањето овде било одличен параван за разгранување и зацврстување на организациската мрежа.
Ребека Спасова М-Нет