
Општина Штип започна со подготовките за изградба на втората паркинг платформа над коритото на река Отиња. Како што беше најавено, истата ќе биде лоцирана во непосредна близина на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“.
За таа намена веќе започнаа активности за отстранување на елементите поставени покрај реката.
Што се однесува до малиот мост лоциран над р.Отиња, а кој ги поврзува двете страни, истиот ќе биде дислоциран на дел од кејот кој се уредува кај Ново Село – дознаваме од Трајче Стојчевски, портпарол на општината.
Изградбата на втората паркинг платформа беше најавена минатиот петок, откако беше потпишан договорот за соработка помеѓу Општина Штип и Бирото за регионален и рамномерен развој преку Центарот за Источен плански регион.

Штипјани со поделено мислење во врска со изградбата на паркинг платформата. Некои се да се изгради, затоа што се` што ќе се направи било убаво, а некои против, бидејќи ќе нема простор за пешаците, но и затоа што ќе се уништи веќе уредениот простор.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појави петиција против изградбата на паркинг над коритото на река Отиња.

Во петицијата се вели:
– „ Делот на коритото на река Отиња каде е планирана изградба на паркинг е можеби единствениот дел каде има доволно отворен простор за шетање и рекреација. Со изградба на овој паркинг ќе се задуши просторот, ќе се ограничи пристапот до речното корито кое многу од граѓаните го користат за рекреација. Од естетска гледна точка, ќе се нагрди градот и централното градско подрачје кое и така не изобилува со доволно зелени површини. Овој простор им значи многу на луѓето кои рекреираат, луѓето со домашни миленици, луѓето кои живеат во тој дел од градот и истиот го користат секојдневно.“
За овој капитален проект, кој според општинската власт ќе биде од големо значење за намалување на проблемот со паркирање, издвоени се 17,8 милиони денари, од кои половината ги обезбеди општината, а останатите средства се од Бирото за регионален и рамномерен развој.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ