Штипјани сѐ уште не знаат како да го селектираат отпадот, а за 15 години Општината и фирмите имаат реализано повеќе проекти

Општина Штип веќе 15 години е дел од проектите, кои се имплментираат за селекција на отпад. Но граѓаните сѐ уште ја немаат научено лекцијата за селекција на отпад, бидејќи сите проекти се пилот или пробни. На терен има контејнери за секаков отпад, но и садови за селекција на пластика и стакло. Контејнерите за секаков отпад се, сепак, преполни и со пластика и стаклена амбалажа. Штипјанката Весна В. од населбата  Сењак вели дека граѓаните немаат навика, ниту, пак, имаат законска обврска за селекција на отпадот. Затоа сиот отпад од домаќинствата завршува во еден контејнер, наместо уште од домовите да биде селектиран.

Во Штип, започнувајќи од 2011 година до денеска, на терен се спроведуваа неколку проекти за селекција на стакло, пластика, картони и различен отпад кој завршува во контејнерите, а потоа и на градската депонија „Трештена скала“. Целта е граѓаните да селектираат уште во своите домови, со што ќе се олесни и работата на ЈП „Исар“ – Штип. Во 2015 година Општина Штип, ЈП „Исар“ и Пакомак ја пуштија во употреба линијата за секундарна селекција на отпад од пакување. Инвестицијата беше околу 40.000 евра, со опрема за селекција, пресирање и балирање. Но поразителни се бројките колку од отпадот бил селектиран, покажуваат податоците на Општина Штип. 

„Во пробниот период беа селектирани над 4,5 тони пластични шишиња, односно околу 150.000 ПЕТ амбалажи. Во овој период од мерењата граѓаните селектирале само околу 2% од отпадот“ – вели Вишна Шорова – Ангелова, секретар на општина Штип.

Во 2020 година поставени се контејнери за селекција на стакло, а во 2021/22 година беа обезбедени и таканаречените „зелени ѕвона“.

„Во 2020 година се поставија 30 контејнери за селекција на стакло пред основни и средни училишта, детски градинки и на други фреквентни локации, а во наредните години се поставија и контејнери за пластика. Во 2021/2022 година во проектот „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“ беа обезбедени таканаречени „зелени ѕвона“, а беа изработени и промотивни видеа со цел да се зголеми свеста и количината на селектираната стаклена амбалажа“ – додава Вишна Шорова – Ангелова.

Но на терен ситуацијата е многу поразлична, бидејќи во контејнерите завршува секаков отпад, кој не е селектиран. Граѓаните, пред сѐ повозрасните, велат дека би требало да се селектира, ама ретко кој го применува тоа. Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, вели дека отпадот во контејнерите е неселектиран и како таков завршува на градската депонија во Штип. Додава дека доколку би се селектирал, хартијата, стаклото и слично би се пратиле на рециклирање, а остатокот ќе заврши на депонијата.

„Селектирањето на отпадот би имало огромна придобивка за животната средина. Со рециклирање на корисни материјали се штедат природни и човечки ресурси, се намалува количината отпад што завршува на депониите, а дополнително се намалува и загадувањето. Затоа граѓаните треба да селектираат отпад уште во своите домови. Тоа е најважниот чекор за ефикасно управување со отпадот, бидејќи правилно одвоениот отпад полесно се рециклира“ – вели Александар Арсовски, директор на ЈП „Исар“ – Штип.

Комуналното претпријатие „Исар“ – Штип годишно набавува од 50 до 60 нови контејнери, според пресметките, еден сад чини 17.850 денари. Вкупно – од буџетот на „Исар“, годишно, се трошат 1.071.000 денари за обнова на садовите за депонирање на отпадот.

Возрасните не сакаат, но децата од градинките умеат да го селектираат отпад

За да се подигне свеста кај граѓаните во Штип за селекција на отпадот, се спроведе и проект на Општина Штип и Пакомак – „Со селекција на отпадот до почиста средина“. Проектот беше спроведен во периодот од 24 април 2023 година до 31 мај, истата година. Во овој временски период се спроведоа едукации на децата од предучилишна возраст, во детските градинки „Вера Циривири Трена“ – Штип и „Астибо“ – Штип и на учениците од прво до петто одделение во петте основни училишта во градот. Беа опфатени 2.455 деца во девет клона во двете детски градинки, како и во основните училишта.

„Во овој проект беа опфатени сите три воспитни возрасни групи дечиња од 3 до 6 години. Најголем акцент се даде на дечињата од големите групи, односно од 5 и 6 години. Проектот беше преку игра да се научат најмалите да селектираат отпад. Зошто се почнува од најмалите, односно од децата? Бидејќи тие се огледало и се она што тие ќе го научат од нас, што е можно порано, ќе го пренесуваат како навика во иднина“ – вели директорката на детската градинка „Вера Циривири Трена“ – Штип, Ивана Ангеличкова.

Пред детските градинки има поставено канти за селекција на отпад, со што дечињата учат како да селектираат пластика, стакло, шишиња и слично. Контејнери за селекција на отпад има поставено на повеќе локации, 564 контејнери од 1,1 метар кубен и 106 контејнери од 5 метри кубни. Поставени се и 72 контејнери во зелена боја за селекција на стакло, 10 во сина боја за селекција на хартија и тетрапак амбалажа и 30 во жолта боја за селекција на пластика и лименки.

Комуналниот инспектор при Општина Штип, Борче Везенков, вели дека има ефекти, но истите се минимални.

„Секако дека проектот даде ефект, ама на терен е потребно многу поголема вклученост на граѓаните при селекција на отпадот. Исто така, потребни се повеќе вакви проекти, едукации и активности со цел граѓаните да ја сфатат сериозноста на темата и да го селектираат отпадот“ – вели Борче Везенков.

Дополнително, едукација за селекција на отпадот се спроведе и преку Здружението на комунални инспектори на Република Северна Македонија.

„Имаме спроведено проекти за едукација за селекција на био-разградлив отпад во сите девет детски градинки и поставени се специјални садови компостерки за селекција на тој тип на отпад.“ – додава Борче Везенков.

За селекција на отпадот на терен потребно е да се спроведат повеќе кампањи, кои ќе бидат постојани и во континуитет, со цел граѓаните да го селектираат отпадот уште во домаќинствата. Засега на задоволително ниво во Штип е селекцијата на пластични шишиња, кои граѓаните ги собираат и фрлаат во вендинг-машини поставени на четири локации во поголемите маркети. Овој проект е во соработка со Пакомак. Општина Штип беше меѓу првите општини каде се поставија овие машини и ефектот е огромен велат од Пакомак.

„Ефектот е огромен и машините се одлично прифатени од страна на граѓаните. Ние сме овде редовно да ги сервисираме машините, механичкиот дел и софтверите, маркетите се тука да ги менуваат полните кеси за машините да бидат функционални, а Општината да го финансира стимулот односно зелените поени кои ги добиваат граѓаните. Во Штип има над 3.000 жители или домаќинства кои ги користат машините, а годишно собираме над еден милион парчиња пластични шишиња и лименки. За илустрација тоа е колку еден олимписки базен повеќе од пола наполнет со оваа амбалажа. Замислете тоа да заврши на локалната депонија“ – вели Ико Брдароски, заменик извршен директор во Пакомак.

Национална кампања на ниво на државата би била одлично решение за селекција на отпадот од домаќинствата пред тој да заврши во контејнерите и на градската депонија. Комуналниот инспектор при Општина Штип, Борче Везенков, е дециден дека додека општините сами прават проекти за селекција на отпадот, резултатите се многу помали. Вели дека сегашните активности вистински резултат би дале по пет до десет години ако граѓаните ги применуваат навиките кои ги учат денеска.

Според локалните инспектори, за селекцијата на отпадот да стане редовна обврска на секој граѓанин и домаќинство, потребно е, пред сѐ,  едукација, но и законски нормативи, со коишто ќе има и мотивација, но и санкции за граѓаните кои нема да го селектираат својот отпад.  

Новинар: Лаура Стојанова Ќирчов

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Заедници со интегритет“, поддржан од Владите на Швајцарија и Шведска во Северна Македонија и имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ). Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на проектот, донаторите или имплементаторот. Швајцарија и Шведска не може нужно да ги делат ставовите изразени во овој текст.