Штипјани доведени во заблуда со лажни пораки за сообраќајни казни, измамниците нудат дури 50% попуст, МВР со апел на внимание

Штипјани доведени во заблуда со лажни пораки за сообраќајни казни. Граѓани добиваат известувања дека со нивните возила направиле прекршоци кои никогаш не ги сториле. За измамата да изгледа поверодостојно, испраќачите нудат и 50 проценти попуст доколку казната се плати веднаш. Ако не се уплати во наведениот рок, следуваат закани со судска постапка.

Од Министерството апелираат граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и да не споделуваат лични или банкарски податоци преку непроверени канали. Од МВР појаснуваат дека СМС известувањата за вистински прекршок треба да пристигнуваат од испраќачот „MVR-SC“ и задолжително да содржат регистарска ознака на возилото.

„Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка. .

Во текстот задолжително треба да содржи регистарска ознака од возилото кое направило прекршок.“, велат од МВР

Оттаму додаваат дека секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.

Иван Митев, М-Нет