Штипските тренери доминираат во Втората македонска фудбалска лига

Во новата сезона 2025/2026 од Втората македонска фудбалска лига штипските тренери ќе доминираат.

Дури четири стратези од Штип ќе водат екипи во новата сезона во второлигашкото друштво.

Влатко Костов, Горан Здравков, Иван Варадиновски и Емил Грнев ќе бидат тренерите кои ќе водат екипи во Втората лига во новата сезона.

Влатко Костов се враќа во родниот Штип и ќе биде нов шеф на стручниот штаб на Брегалница.

Горан Здравков останува во Радовиш каде ќе ја води екипата на Детонит Плачковица и следната сезона.

Иван Варадиновски има нов клуб, откако штипјанецот по заминувањето од Детонит Плачковица се договори да го води Кожуф од Гевгелија во новата сезона.

Емил Грнев кој минатата сезона ја водеше Слога Виница и направи голем успех со тоа што стана шампион во Трета лига – Исток, а потоа преку баражот влезе во Втора лига, ќе биде четвртиот тренер од Штип кој ќе води екипа во Втората македонска фудбалска лига.

Новата сезона ќе започне на 23 август.

Александар Ванев, М-Нет