Штипските каратисти Душица и Љупче утре и в сабота ќе настапат на Европското во Грузија

Љупче Михајлов и Душица Бреслиева го претставуваат КК Штип и градот на Европското првенство во карате во Грузија. Двајцата се меѓу 28 каратисти од Македонската младинска репрезентација во вторникот кои заминаа на Европското првенство за кадети, јуниори и помлади сениори У21, кое почнува утре. Бреслиева настапува утре, а Михајлов в сабота.

„Европско првенство во Грузија, двајца претставници од КК Штип го претставуваат нашиот град, тоа се Душица Бреслиева, во категоријата кадетки -54 килограми, и Љупче Михајлов, во категоријата помлади сениори -75 килограми. Борбите почнуваат од утре, Душица Бреслиева ќе нѐ претстави утре, а Љупче Михајлов во сабота“, вели Жарко Арсовски, тренер на КК Штип.

Тренерот Арсовски вели дека и двајцата се подготвени, а од нив се очекуваат високи резултати. Ова е прво Европско првенство на Душица Бреслиева, а Љупче Михајлов веќе има бронза од Европското во Прага, но во пониска категорија. Љупче и Душица изборија пласман на Европското зашто беша многу доминантни на Државното првенство, ги декласираа противниците и немаа ниту еден изгубен поен.

„Тие се максимално подготвени, имаа и неколку контролни натпревари, немаат никакви потреби, со мала среќа не се сомневаме во нивниот успех. На Душица Бреслиева ова ѝ е прво Европско првенство, меѓутоа не се сомневам во нејзината ментална способност, таа е подготвена и психички и физички. Љупче Михајлов веќе има еден медал од Европско првенство во Прага, во 2022 година, и тој има големо искуство, па се надеваме дека нѐ израдуваат со одлични резултати“, вели Арсовски.

На ова ЕП пријавени се вкупно 1127 натпреварувачи од вкупно 49 земји, а македонската карате федерација ќе ја претставуваат 28 каратисти.

Ребека Спасова М-Нет