Штипскиот каратист Марко Џорлев на чекор до светско злато – четири победи го однесоа во финалето во Полска!

Македонскиот карате-репрезентативец Марко Џорлев од Штип ќе се бори за златниот медал на Светското првенство за кадети, јуниори и натпреварувачи до 21 година, кое се одржува во Бјелско-Бјала, Полска. Џорлев прикажа извонредни настапи во категоријата до 63 килограми, остварувајќи четири победи од исто толку борби и обезбедувајќи пласман во големото финале.

Македонскиот каратист го започна патот кон медалот со победа од 10:6 над Алехандро Перез од Куба. Во следната борба беше подобар од Хозе Андрес Гарсија од Гвајана со 6:1, а потоа следуваше уште еден сигурен триумф, овојпат со 6:0 против Леонс Акоповс од Латвија.

Најважната досегашна победа Џорлев ја оствари во полуфиналето, каде со убедливи 8:0 го совлада Јан Мата од Панама и се избори за место во финалната пресметка за светската титула.

За златниот медал, Џорлев ќе се соочи со Адам Баги од Унгарија. По четирите убедливи настапи, македонскиот репрезентативец е на само еден чекор од највисокото место на светскиот подиум.

Александар Ванев, М-Нет