
Годинава, најпрестижниот светски математички натпревар, 65. Интернационална математичка олимпијада (ИМО 2024), се одржува во Бат, Велика Британија, во периодот 11-22 јули. Вкупно 609 млади умови од целиот свет се натпреваруваат во решавање на шест математички проблеми во текот на два натпреварувачки дена.
, Сојузот на математичари на Македонија (СММ) организираше четири неделни подготовки (во периодот 11. јуни – 12. јули) за македонските репрезентативци каде истите разработуваа напредни теми и техники за решавање на проблеми од математичките области: алгебра, комбинаторика, теорија на броеви и геометрија. На овој светски мегдан за извонредност нашата екипа годинава се закити со еден златен медал, два бронзени медала и три пофалници.
Ова е исклучителен успех за нашата земја, која во конкуренција на 109 држави екипно се пласира на 28. место (според освоени одличја) односно, на 46. место (според освоени поени). Еве ги имињата и постигнувањата на овогодинешните македонски олимпијци:
Дамјан Давков (златен медал), Леонид Тодорски (бронзен медал), Алексиј Тасиќ (бронзен медал), Бранко Јангеловски (пофалница), Ивано Божиновски (пофалница), Никола Цветаноски (пофалница)
Ова е само второ македонско злато на ИМО во досегашните 32 учества на Македонија како независна држава. Штипјанецот Дамјан Давков, со освоениот златен медал, втора година по ред се вбројува во светската математичка елита. Ова 16. годишно момче е несомнено најуспешниот македонски олимпиец на сите времиња – во досегашните пет учества има освоено два златни медала, два сребрени медала и една пофалница – и цврсто чекори кон тоа да постане еден од најуспешните олимпијци во историјата на ова престижно светско натпреварување.
Лаура Стојанова М-Нет