
Македонскиот шампион Штип УГД заврши со настапите во Лигата на шампионите откако освојувачот на двојната круна од минатата сезона беше елимиран од првакот на Холандија, Орион Старс, со што сега тимот на Кристиан Ристески продолжува со настапи во ЦЕВ купот.
Во првото коло од ЦЕВ Купот македонскиот шампион е слободен и обезбедува директен пласман во главната рунда каде го чека тежок противник – италијанска Пјаченца.
Првиот натпревар од двомечот Штип УГД го игра на домашен терен во салата „Џексон“ во Штип на 9 декември од 19 часот.
Реваншот, пак, е закажан за 6 јануари 2027 година во 18 часот, во салата „Палабанка спорт“ во Пјаченца, Италија.
Интересно е тоа што Штип УГД втора година по ред ќе игра за Бадник, откако лани го имаше истиот распоред во ЦЕВ Челинџ купот против Алијанц Милано.
Штип УГД доживеа два порази од Орион Старс во Холаднија со 3:0 во сетови, а на домашен терен загуби со 2:3 и имаше далеку подобра игра во однос на првиот меч во Лигата на шампиони.
Инаку, пред почетокот на сезоната Штип УГД го освои и Суперкупот на Македонија.
Александар Ванев, М-Нет