Чоколади и пакетчиња за најмалите и годинава доделија штипските велосипедисти

Трета година по ред штипските велосипедисти ги израдуваа најмалите со чоколади и пакетчиња. На традиционалната велосипедска тура се возеше низ штипските населби со цел да се израдуваат најмалите и да се пренесе новогодишната магија во градот. Завршниот настан е на Плоштадот „Слобода“, за каде исто така се предвидени подароци.

„Денес се планира да се направи една тура низ градот Штип. Ќе се оди до Домот во населбата Пребег, оттаму продолжуваме во населбата Баби, каде што ќе има делење на пакетчиња и чоколади на најмалите. Од таа населба продолжуваме во Дузлак и крајната дестинација е Плоштадот „Слобода“, каде што очекуваме најголема масовност“, вели организаторот, Драган Атанасов.

Велосипедската тура секоја година се организира со поголеми заложби, вели организаторот Атанасов. Целта е настанот да добие доброорганизирана форма, но и хумана суштина. Колку поголем број велосипедисти се вклучат, толку е подобро, додава тој.

„Станува збор за хуманитарна акција којашто ја преземаат љубители на велосипедизмот, за сѐ со цел да ги усреќиме најмалите, да направиме хуманитарно дело – посета на домовите за деца без родители во Штип, како и да споделиме дека велосипедистите се дел од сообраќајот насекаде во овој град. Сакаме да пренесеме порака до сите дека велосипедизмот е спорт којшто треба да се негува, треба да ја продолжиме оваа традиција“, додава Атанасов.

Годината се завршува со велосипедска тура, а така и ќе се започне, зашто велосипедистите имаат планирано низа активности за 2024 година.

Ребека Спасова М-Нет