Цените на производите се одмрзнаа, граѓаните стравуваат од нов удар по нивниот џеб

Од денеска веќе не важи мерката гарантирана цена, односно нема замрзнати цени на производите. Каква ќе биде цената на лебот, брашното, зејтинот и слично ќе одлучуваат самите трговци. Оваа одлука ги плаши анкетираните граѓани на терен во Штип. Пред камерите на М-Нет телевизија велат дека од утринава цените не се променети, но очекуваат нивен скок во наредниот период. А, децидни се тоа ќе биде директен удар врз нивниот домашен Буџет.

„Се е како што беше до вчера, за понатаму ќе видиме. Не верувам да се качат цените сега за сега, за понатаму ќе видиме.“ – велат граѓаните.

Мерката за замрзнување на цените на белиот леб, брашно, тестенини, млеко, јајца, месо беше донесена на 20 септември годинава. Нејзино продолжување нема да има, но затоа се очекува проблемот со енормно поскапување да се реши со Законот за нефер трговски практики кој пак се уште е заглавен во Собрание.

Од Владата претходно рекоа дека не очекуваат нагло да пораснат цените на производите, но доколку сепак повторно стават нереално високи и непазарни цени ќе бидат санкционирани со високи парични казни.

Дел од членките на Сојузот на стопанските комори деновиве рекоа дека нема да има големи корекции како и дека раст на цените ќе има само кај оние производи кај кои до сега се работело нерентабилно. Пазарниот инспекторат од денеска со засилени контроли на терен. Ќе бара дали цените на производите ќе ја следат пазарната логика или трговците ќе стават нови со нереално високи бројки.

Лаура Стојанова М-Нет