Цевководот во О. Карбинци се гради со забрзана динамика

Со забрзана динамика се решава проблемот со водоснабдувањето во општина Карбинци. Изградбата на цевководот е веќе на средина, а се очекува целосно да се заврши во текот на оваа година. Градоначалникот на Општината, Виктор Паунов, смета дека со завршувањето ќе биде решен проблемот за повеќе населени места кои досега често имале пречка да ја користат водата.

„Динамиката за изградба на цевководите во должина од 18 километри се работат, односно динамиката тече во едно забрзано, одлично темпо. во овој момент се работат паралелно сите цевководи и се до некоја средишна фаза. Мене ме радува фактот што навистина ќе го решиме овој проблем конечно во текот на оваа година, а тоа е најмногу во селата Радање каде имавме значително загадување на оваа вода, исто така квалитетот на водата во село Таринци, во Карбинци, Долни Балван, Нов Караорман, Аргулица, Црвулево, практично во секое населено место“ – кажа Паунов.

Филтер станицата во Карбинци беше изградена уште во август минатата година, но за подобра вода жителите требаше да почекаат да се среди документацискиот дел, па да се изгради цевководот. Тендерот за вториот дел од изградбата се повторуваше, па се потпиша договорот со изведувач. Инаку, капацитетот на станицата е 40 литри вода во секунда, што се смета доволно да се задоволат потребите за вода на територија на цела општина. Откако целосно ќе се изгради цевководот, филтер станицата би ја обработувала водата од ХС Злетовица со што Карбинци би станала една од петте општини која ќе пие вода од овде.

Ребека Спасова М-Нет