
Фудбалската федерација на Македонија продолжува со сериозни чекори кон целосна и професионална имплементација на ВАР технологијата на домашната сцена. Во рамки на проектот, ФФМ успешно ја започна обуката на техничкиот кадар кој ќе биде задолжен за клучната улога на Replay оператори – професионалци задолжени за повторување на снимки за потребите на ВАР системот.
По внимателна селекција, осум технички обучени кандидати беа избрани да ја започнат оваа специјализирана обука. Од 2. до 5. јуни 2025 година тие учествуваа во интензивна техничка и практична обука во EVS технолошкиот центар во Лиеж, Белгија – водечки ВАР технолошки провајдер и партнер на ФФМ.
Обуката беше насочена кон практична примена на EVS системот, со посебен акцент на брза и прецизна реакција, синхронизација со ВАР и АВАР судиите, како и правилно управување со клучните моменти од натпреварите. Преку реални сценарија и симулации, кандидатите се стекнаа со основни вештини за техничко работење во динамична и високо одговорна средина каква што е ВАР собата.
По завршувањето на почетната обука во Белгија, процесот продолжува во Македонија со напредни технички сесии од 5. до 18. јуни. Тренингот се реализира под менторство на двајца искусни ВАР оператори – Кирил Горбан и Алексеи Коржуков, чии биографии вклучуваат богато искуство од елитните фудбалски лиги во Русија и Саудиска Арабија, како и соработка со ФИФА на меѓународни турнири.
Под нивно водство, новите Replay оператори ќе ги надградуваат своите вештини во тесна координација со селектираните ВАР и АВАР судии, осигурувајќи дека ВАР системот ќе функционира беспрекорно и ќе овозможи навремени, прецизни и квалитетни повторувања на спорни ситуации.
Со оваа инвестиција во кадар и технологија, ФФМ испраќа јасна порака за посветеноста кон модернизација и професионализација на домашниот фудбал, обезбедувајќи услови за фер и технолошки поддржано судење на највисоко ниво.
Александар Ванев, М-Нет