ФУЕН бара од Албанија заштита на македонскиот идентитет и зачувување на Општина Пустец

Федералната унија на европските националности (ФУЕН) упати официјално писмо до претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, во врска со неодамна усвоената Резолуција за македонското национално малцинство во Република Албанија.

Резолуцијата, која беше поднесена од Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, беше усвоена на Собранието на делегати на ФУЕН за време на годишниот Конгрес одржан на 19 септември 2026 година во Хелсинки, Финска.

Во своето обраќање, претседателката на ФУЕН, Оливија Шуберт, истакна дека организацијата — која ги претставува автохтоните национални малцинства во Европа и ги застапува нивните права пред ОН, Советот на Европа, ЕУ и ОБСЕ — бара поддршка од МАЕИ за ефективна имплементација на усвоената резолуција.

Со оваа резолуција, од албанските власти официјално се бара Владата на Република Албанија да ја потпише и ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици, да им овозможи на припадниците на македонското малцинство слободно да се изјаснуваат и да преземе ефективни мерки против какви било надворешни политички притисоци насочени кон негирање или асимилација на македонскиот идентитет. Покрај тоа, се бара Општина Пустец да остане посебна единица на локалната самоуправа и во рамките на новата реформа да не претрпи територијални промени, односно да не се спојува со други општин.

Во одговорот до ФУЕН, претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски, изрази искрена благодарност за континуираната грижа и посветеност на Унијата во заштитата и унапредувањето на правата, идентитетот, јазикот и културата на Македонците во Албанија.

„Усвојувањето на оваа резолуција е значаен чекор кон зајакнување на заштитата на малцинските права и обезбедување загриженоста и легитимните барања на македонското малцинство во Албанија да го добијат вниманието што го заслужуваат на европско ниво“, истакна Стерјовски.

Тој исто така го поздрави признанието што ФУЕН му го оддава на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана за неговата активна работа и изрази подготвеност за понатамошна заедничка соработка во насока на целосно спроведување на резолуцијата.

Текстот ФУЕН бара од Албанија заштита на македонскиот идентитет и зачувување на Општина Пустец е превземен од МАКФАКС.