
Во натпревар од второто коло во својата група селекцијата на Македонија во Букурешт загуби од Украина со резултат 2:1 ( 2:0). Украинците во водство од 1:0 дојдоа со голот што го постигна Јармоленко во 29 м. по изведениот корнер и лошата реакција на нашата одбрана. Украина водството на 2:0 го зголеми во 34 м. со голот што го постигна Јаремчук. Капитенот Пандев во 39 м. постигна гол кој беше поништен од Аргентинскиот судија Рапалини поради офсајд. Нашите кој за прв пат се појавија во својата црвена комбинација, одиграа лошо прво полувреме во кое статистиката покажа однос во поседот на топката 61:39 % во корист на Украинците а односот на корнери беше 4:0. Само што започна вториот дел голема шанса за гол имаше Адеми, но голманот на Украина одбрани и ја исфрли топката во првиот корнер за Македонија. Веднаш потоа стативата беше сојузник на Украинскиот голман, но беше направен пенал а аргентинецот Рапалини енергично покажа на белата точка. Алиовски ја презеде одговорноста, неговиот удар голманот Бушчан го одбрани, одбиената топка дојде повторно до Алиовски кој ја испрати во празната мрежа за резултат 2:1. Во 83 м. по преглед на „вар“ системот беше досуден пенал за Украина,а ударот на Малиновски голманот Димитриевски атрактивно го одбрани. За доминацијата на Македонија во второто полувреме зборува и односот на корнери, ако во првото полувреме беше 4:0 за Украина на крајот односот на корнери беше 5:5 а резултатот на крајот гласеше Украина – Македонија 2:1. Македонија доживеа пораз, но не беше играчки надиграна за што сведочи и огромниот аплауз и скандирањето на трибините на нашите верни навивачи кои беа во голем број. Следен натпреват во рамките на групата ќе се одигра на 21 јуни во Амстердам помеѓу Холандија и Македонија. Новинарската екипа утре со авион се враќа за Скопје поради одклуката за забрана на холандската влада а со која таму ќе патуваат според информациите само играчите и стручниот штаб. Дали ќе има некоја нова одлука за патување од Скопје за Амстердам сеуште никој не знае.
Од Букурешт Специјално за Мнет ТВ – Штип, Драги Герасимов – Пушка.