Фудбалерките на Кочани на врвот во Втората лига – ја продолжуваат борбата за директен влез во Првата женска фудбалска лига!

ФОТО: Александар Ванев, забрането е превземање на фотографијата без добиена согласност!

По 11 одиграни кола во Втората женска фудбалска лига екипата на Кочани е на врвот од табелата со освоени 31 бод. Екипата предводена од Оливер Јовановски е единствената која нема претрпено пораз односно има учинок од десет победи и едно реми.

Воедно Кочани го има најефикасниот напад со постигнати 85 гола, а пак втор најдобар напад има Вардар со 74 гола. Одбраната на Вардар е најефикасна со само седум примени гола, а на Кочани е втора најдобра одбрана која има примено осум гола.

На второто место е Вардар, тим кој има 28 бодови на своето конто, а пак Билјанини Извори е трет со 25 бодови на своето конто.

Овие две екипи ќе ја водат борбата за второто место кое води кон баражот за можен влез во Прва лига. Порече сега е на четвртото место со 16 бодови, откако во претходното коло ја доби Плачковица во Радовиш со 0:1, со што сега Плачковица е петта со 13 бодови.

Со освоени шест бодови екипата на Победа Валандово е на шесттото место, дебитантот Слободен е претпоследен со три бодови, а на дното е Борец со еден бод.

Во следното коло екипата на Борец на домашен терен ќе игра со Плачковица, Слободен ќе го пречека лидерот Кочани кој ќе биде апсолутен фаворит за трите бодови, Победа во Валандово ќе биде домаќин на Билјанини Извори, додека пак во Македонски Брод екипата на Порече ќе биде домаќин на фаворитот Вардар.

Првото место од Втората лига води директно кон Прва лига, а пак второпласираната екипа игра бараж за можен влез во елитата со прволигашот кој ќе заврши на претпоследното девето место на табелата во Првата лига.

Александар Ванев, М-Нет