(Фото) Герасимовски: Реновирана спортската сала во „Коле Неделковски“, подобри услови за спорт и развој на учениците

Со спортски активности и многу игра, во обновената фискултурна сала во ООУ „Коле Неделковски“ се одбележа Детската недела. На учениците им се придружи и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

„Салата ја реновиравме во текот на летото. Учениците сега имаат функционален простор за спорт и физичка активност, а дополнително тука се и игралиштата во училишниот двор. Спортот е важен елемент во образовниот процес и затоа континуирано вложуваме во развојот на таа инфраструктура. Децата мора да спортуваат и да го градат тимскиот дух , ако сакаме утре да имаме генерации кои ќе бидат здрави“, истакна градоначалникот Герасимовски.

Просторот во салата од 350 квадратни метри, која со децении беше во незавидна состојба, сега е целосно трансформиран во современ и безбеден амбиент со одлични услови за наставата по физичко образование и за рекреација, велат од Општина Центар.

„Реконструкцијата опфати целосно освежување на паркетот, кој е избрусен и лакиран, како и санација на ѕидовите, таваните и нови внатрешни врати. Поставени се нови инвертер-клима уреди и современо ЛЕД-осветлување, а електричната инсталација е целосно заменета. Дополнително, обновени се соблекувалните и кошевите, а во тек е обновување и замена на преостанатите спортски реквизити.

Општина Центар, вложувајќи во образованието и спортот, го поттикнува правилниот физички и ментален развој на учениците“, се додава во соопштението.

Текстот (Фото) Герасимовски: Реновирана спортската сала во „Коле Неделковски“, подобри услови за спорт и развој на учениците е превземен од МАКФАКС.