Фотоволтаични панели добива и СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип, реализирани повеќе инвестиции

Проектот за поставување фотоволтаични панели на кровните конструкции на образовни институции завршува во штипското средно училиште „Коле Нехтенин“. И во ова училиште преку искористување на обновливите извори на енергија, ќе се овозможат заштеди, а со тоа и повеќе нови инвестиции во стручното образование. Директорката на училиштето посочува дека произведената електрична енергија на овој начин во одреден момент ќе биде и вишок за нив.

„Кај нас се постави фотоволтаична централа којашто во идеални услови ќе произведува 30 киловати на час електрична енергија, а којашто во одредени делови од годината ќе биде и повеќе од доволна за нашите потреби, а тоа значи дека истата ќе се враќа во дистрибутивниот систем на мрежата на ЕВН, ќе се компензира вишокот и на крајот нашиот трошок ќе се сведе на нула денари. Тоа значи дека и во наредната година ние можеме да инвестираме во подобрување на условите за работа на училиштето и набавка на опрема за нашите стручни кабинети“, вели Јованка Шалева, директорка на СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип.

Во изминатиов период училишните кабинети добија нови завеси, а се овие две години се заменува и осветлувањето. За потребите на машинската струка се реконструирани два кабинета, набавена е „ЦНЦ“ машина, а се реконструираше и спортската сала, која доби и фитнес-опрема. Шалева посочува дека оваа низа ќе продолжи следната година со дополнителните средства од фотоволтаичните панели.

„Ние во минатото како голем потрошувач користевме и дававме многу средства за електрична енергија. Сега сите оние средства коишто ќе бидат заштедени, ќе бидат искористени за набавка на опрема за училишните кабинети, бидејќи сметаме дека иднината на нашето општество е во средното стручно образование, за што ние инвестираме“, додава Шалева.

На посета во Средното училиште беше и градоначалникот, Иван Јорданов, кој ги поздрави ваквите активности во ова училиште и оцени дека тековните активности се одвиваат во најдобар ред.

„Во изминатиот период се завршија одредени реконструкции и активности за замена на заштитната ограда, поставени се „смарт-табли“. Ќе се уредува и дворната површина. Тоа се инвестиции коишто се за поздравување и коишто ќе значат подобрување на условите за настава во ова средно општинско училиште и ја користам оваа прилика да ја поздравам активноста којашто се презема во ова средно општинско училиште“, рече Јорданов.

Освен овде, фотоволтаици се поставија и на кровните конструкции на Средното медицинско училиште „Јане Сандански“ и Општинското основно училиште „Тошо Арсов“. Вкупната инвестиција е девет милиони денари, обезбедени како поддршка од Фондацијата „Отворено општество“.

Ребека Спасова М-Нет