
Првологашот ФК Арсими сериозно ја засилува екипата во пресрет на продолжението од сезоната, откако клубот официјално ги промовираше двата нови играчи – искусниот дефанзивец Џелил Абдулин и напаѓачот Фахад Бајо.
Абдулин доаѓа од редовите на Македонија Ѓорче Петров и ќе ја засили одбранбената линија на тимот. Се работи за фудбалер со богата кариера и меѓународно искуство, кој во минатото настапувал за реномирани клубови како Шкендија, Де Графшап (Холандија), МСВ Дуизбург (Германија), Ренова, Ллапи, Шкупи и Гостивар. Во Арсими веруваат дека неговото искуство и стабилност ќе донесат дополнителна сигурност во последната линија.
Покрај него, во офанзивата пристигнува и репрезентативецот на Уганда, Фахад Бајо, кој во дресот на националниот тим има 25 настапи и шест постигнати голови. Бајо зад себе има интернационална кариера, со настапи за клубови како Proline FC, Buildcon FC, Vipers SC, израелските Ашдод и Бнеи Сахнин, како и чешкиот МФК Вишков. Во Арсими доаѓа како позајмен фудбалер од Вардар за наредните шест месеци.