УЈП: На 30 јуни истекува рокот за првите пријави за минималниот глобален данок

Управата за јавни приходи ги потсетува засегнатите даночни обврзници дека на 30 јуни 2026 година истекува рокот за поднесување на првите даночни пријави за 2024 година врз основа на одредбите од Законот за минимален глобален данок на добивка (во натамошниот текст: Законот) и Правилникот за начинот на пресметување и наплата на дополнителниот данок на добивка.

Законот предвидува мерки со кои се обезбедува минимално ефективно оданочување на добивката на мултинационални групи на компании, како и на големи домашни групи, со минимална даночна стапка на добивка од 15%.

Законот се применува на составни субјекти со седиште во РС Македонија кои се членки на мултинационална група на компании и на големи домашни групи и сите нивни составни субјекти кои се наоѓаат во РС Македонија, чиј годишен приход во консолидираните финансиски извештаи на крајната матична компанија во најмалку две фискални години во периодот 2020 – 2023 година е еднаков или поголем од 750 милиони евра.

Минималното ефективно оданочување на добивката на мултинационалните групи на компании и на големите домашни групи се обезбедува со примена на следните правила за плаќање на дополнителен данок на добивка (top-up tax):

Правилото на квалификуван домашен дополнителен данок (Qualified Domestic Minimum Top-Up Tax – QDMTT), според кое матичната компанија на мултинационална група на компании и сите нејзини составни субјекти кои се наоѓаат во РС Македонија подлежат на обврска за плаќање на квалификуван домашен дополнителен данок за одредена фискална година, доколку нивната ефективна даночна стапка утврдена според одредбите на Законот е пониска од 15%.

Правилото за вклучување на добивката (Income Inclusion Rule – IIR), според кое матичната компанија на мултинационална група на компании или на голематa домашна група е одговорна за пресметување и плаќање на дополнителен данок на добивка, доколку ефективната даночна стапка на нејзин составен субјект е пониска од 15%.

Правилото за помалку оданочена добивка (Undertaxed Payment Rule – UTPR), според кое составниот субјект на мултинационалната група на компании подлежи на дополнителен данок еднаков на неговиот дел од дополнителниот данок што не бил наплатен врз основа на правилото за вклучување на добивката, за составни субјекти на групата кои подлежат на ниска даночна стапка под 15%.

Кои се обврските на засегнатите даночни обврзници кон УЈП?

Најдоцна до 30.06.2026 година да поднесат електронско известување до УЈП за составниот субјект / локалниот субјект кој од страна на крајната матична компанија е назначен за поднесување на Пријавата на информации за дополнителен данок (GloBE Information Return – GIR), како и на Пријавата за квалификуван домашен дополнителен данок (образец „КДДД/П”) за 2024 година.

Образецот на известување е поставен на веб-страницата на УЈП и може да се преземе од следниот линк: http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/261 Скенирана верзија од пополнетото известување треба да се поднесе до УЈП на следната адреса: [email protected]

Најдоцна до 30.06.2026 година во електронска форма да поднесат до УЈП Пријава на информации за дополнителен данок (GIR) за 2024 година.

Пријавата GIR се поднесува преку системот е-даночни услуги преку менито “Извештај за глобален данок”. За таа цел, составниот субјект на групата кој се наоѓа во РС Македонија, а во случајот на два или повеќе составни субјекти во РС Македонија – оној кој од групата е назначен за поднесување на пријавата КДДД/П, доделува овластувања за поднесување на пријавата преку системот е-даночни услуги на начин како што истото се прави за поднесување на другите поднесоци преку овој систем. По поднесувањето, GIR пријавата треба да биде електронски потпишана со дигитален сертификат. Начинот на поднесување на пријавата GIR е детално опишан во Упатството за поднесување на извештај за глобален данок кое е објавено на системот е-даночни услуги во делот на упатства. Најдоцна до 30.06.2026 година во електронска форма да поднесат до УЈП Пријава за квалификуван домашен дополнителен данок (образец „КДДД/П”), односно најдоцна до 30.07.2026 година да поднесат Пријава за дополнителен данок (образец „ДДД/П”) за 2024 година. Даночните пријави „КДДД/П” и „ДДД/П” се поднесуваат електронски преку системот е-даноци. Пријавата КДДД/П или ДДД/П треба да се поднесе и во случај кога пресметаниот данок за плаќање изнесува нула. Најдоцна до 30.07.2026 година да го платат квалификуваниот домашен дополнителен данок пресметан во пријавата КДДД/П, односно најдоцна до 30.08.2026 да го платат дополнителниот данок пресметан во пријавата ДДД/П. Плаќањето на дополнителниот данок треба да се изврши на новата уплатна сметка 840 – општина – 01877 и следните приходни шифри: – 711236 – за квалификуван домашен дополнителен данок, и – 711237 – за дополнителен данок на добивка. За дополнителна поддршка во врска со поднесувањето на даночните пријави и плаќање на дополнителниот данок може да се обратите на: е-пошта: [email protected] Телефонски броеви: Од фиксна линија: 0800 33 000 Од мобилен телефон: 02 3253 200

Текстот УЈП: На 30 јуни истекува рокот за првите пријави за минималниот глобален данок е превземен од МАКФАКС.