
Социјален дијалог „Учи паметно, работи стручно“ во Штип. Заменик министерот за образование и наука, директорот на Центарот за стручно образование и обука и градоначалниците на Штип, Свети Николе и Пробиштип заедно со директорите на средните училишта и бизнис секторот дискутираа во насока на унапредување на средното стручно образование.
Министерството за образование и наука како мотивација ќе даде 3.500 денари на секој ученик кој ќе почне во дуално образование, а според директорот Мифтари мотивација е и тоа што една дуална паралека во Свети Николе била оценета како подобра од другите.
Присутните градоначалници истакнаа дека во секоја општина соодветно со насоките и струките кои ги имаат во училиштата ќе направат сѐ за да ги мотивираат учениците. Особено акцент ќе се стави на училиштата кои се со дефицитарни струки.
Настанот се одржа во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во Штип. Преку дијалог се утврдија потребите и согласно со истите се дадоа сугестии за воведување нови стручни профили. Од бизнис заедницата се очекува да покаже интерес за реализација на практичната настава, а апелот до учениците е да изберат стручен профил.
Ребека Спасова М-Нет