Општина Центар ги известува граѓаните дека утре, 3 септември, со почеток во 12:00 часот, во просториите на Општина Центар, барака 6, ќе се одржи јавна презентација на Нацрт – Деталниот урбанистички план за Градска четврт Ј 05 – Барутана.
На јавната презентација граѓаните ќе имаат можност непосредно да се запознаат со предложените плански решенија и да добијат повеќе информации за Нацрт-планот.
Јавната анкета за ДУП-от е во тек и трае до 14 септември. Во неа можат да учествуваат сите жители и правни лица од опфатот на планот, како и од соседните подрачја, со доставување забелешки, предлози и мислења.
Нацрт-планот е изложен во просториите на ООУ „Кочо Рацин“, каде што секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот можат да се разгледаат планските решенија и да се пополнат анкетни листови.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повикува граѓаните активно да се вклучат во процесот.
„Ги повикувам сите заинтересирани граѓани утре да дојдат на јавната презентација, да се информираат и да ги кажат своите забелешки и предлози. Сакаме плановите што ги носиме да бидат резултат на отворен и транспарентен процес во кој граѓаните имаат можност да учествуваат и да го кажат своето мислење“, вели Герасимовски.
Општина Центар ги охрабрува сите заинтересирани граѓани да ја искористат можноста за учество во јавната анкета и активно да придонесат во креирањето на идниот развој на овој дел од општината.
Текстот Утре јавна презентација на Нацрт ДУП-от за Барутана е превземен од МАКФАКС.