
Деновиве е Горешници, утре православната црква го слави празникот посветен на маченичката Марина кај народот позната како Огнена Марија. Празниците се празнуваат секоја година последните три дена од месец јули, односно започнуваат на 28 јули, а завршуваат на 30 на Огнена Марија. Според верувањата кај народот на овие празници не се работат земјоделски работи, ама од црквата посочуваат дека ова е само суеверие. Апелираат до граѓаните да ги почитуваат празниците, ама и да си ги завршат своите обврски.
„Утре светата црква го празнува споменот на светата маченичка Марина, кај народот позната како Огнена Марија. Она што е интересно и не загрижува е што со овој празник се поврзани некои суеверија и практики кои не се познати. Имено, велат дека овие празници се тешки и дека не се работи. Апелираме до луѓето како и сите денови да си ги извршуваат своите работи“, вели Арсовски.
Покрај многуте светии кои се слават во овие три дена, најмногу внимание ѝ е посветено на Светата Великомаченица Марина. Дури во својата дванаесетта година слушнала за Господ, Таа се заветила дека никогаш нема да се мажи и така и пострадала за Христа. Татко ѝ ја замразил заради нејзината вера и не ја сметал за ќерка. Кога царскиот намесник Олимвриј дознал дека е христијанка, побарал од неа најпрво да му биде жена. А кога го одбила, ѝ наредил да им се поклони на идолите, на што Света Марина одговорила: „Нема да им се поклонам ниту ќе им принесам жртва на безживотните и мртви идоли, кои ниту самите знаат за себе ниту пак знаат дали ние ги чествуваме или ги бесчестиме: не им ја давам онаа чест што Му припаѓа само на мојот Создателот“. Тогаш Олимвриј ја подложил на маки, па целата изнаранета ја фрлил во затвор. Во затворот Марина Го молела Бога и по молитвата ѝ се јавил најпрво ѓаволот како страшна змија што ѝ се намоткала околу главата. Но штом светителката се прекрстила, змијата се распукнала и исчезнала. Тогаш ја заблеснала небесна светлина и ѕидовите на затворот заедно со покривот исчезнале и се јавил крст, висок и блескав, а на неговиот врв бела гулабица, Тогаш, со силата Божја, била исцелена од сите рани и болки. Другиот ден безумниот судија ја мачел во оган и во вода, но Марина претрпела се како во туѓо тело. Најпосле ја осудил на смрт со меч. Пред смртта ѝ се јавил Господ Исус со ангели.
Лаура Стојанова М-Нет