УГД Штип наскоро ќе го објави конкурсот за новата академска година – голем интерес кај средношколците

Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип е подготвен да го објави конкурсот за упис на нови студенти, но стартот зависи од зелено светло од Владата. Од Универзитетот уверуваат дека штом стигне официјалната одлука, веднаш ќе биде објавен и конкурсот за академската 2025/2026 година. Иако процесот сè уште не е формално започнат, интересот е поголем од очекуваното. Средношколци од целата држава покажуваат сериозен интерес за студирање на УГД, а медицинските студии се најбарани.

,,Универзитетот во моментот очекува одлука од владата за да можеме да го изготвиме конкурсот. Многу скоро по добивањето на таа одлука, јас верувам дека до крајот на мај односно почетокот на јуни веќе ќе ги имаме објавено конкурс на нашата страна. Очекувањата како и секоја година, очекувам поголем број на студенти, но сепак е многу рано да се зборува за тоа, но според интересот оваа година кој што го имаме од сите средношколци, кои што ги посетивме гледаме дека постои голем интерес за студирање на УГД Штип. Уписните периоди кога ќе ги дифинираме и кога ќе поминат, можеме да видиме колкав е интересот. Моментално најчести прашања се поставуваат за студиските програми по медицина, каде се докажа дека има поголем интерес, но очекуваме зголем интерес и на другите катедри.“, рече Џидров

Дека има интерес и на техничките факултети, согласен е проректорот Џидров. Toj додава дека студентите пак на катедрата за македонски јазик ќе бидат ослободени за плаќањето партиципација во текот на нивното студирање.

Во универзитетот истовремено има заинтересираност и од странските студенти. Имајки во предвид дека во универзитетот има студиски програми за студирање на англиски јазик, засега најголем замав зимаат студенти од Р. Турција. Она што останува понатаму како проблем е добивањето на виза во државата.

Иван Митев, М-Нет