Тројца млади спортисти загинаа во големата трагедија која се случи во Кочани

Тројца млади спортисти загинаа во големата трагедија која се случи во дискотеката во Кочани. Македонскиот спорт остана без тројца млади играчи.

Македонскиот фудбал е завиен во црно, го загуби Андреј Лазаров, кој го носеше дресот на прволигашот Шкупи. 25-годишниот фудбалер во саботата го одигра последниот негов натпревар, на мечот против Пелистер на Чаир во игра влезе во 61. минута.

Фудбалерот од Кочани покрај за Шкупи, настапуваше и за хрватските екипи Горица и Рудеш, настапуваше и за Тиквеш, Работнички и Металург.

Клубовите од Македонија, но и од регионот, како и неговите колеги фудбалери се простуваат од Лазаров.

За жал во големата трагедија која се случи во Кочани, каде се запали дискотека, животот го загуби и 18-годишниот голман Дамјан Танески од Штип.

Во оваа огромна трагедија многу млади животи згаснаа, а Танески кој беше голман за жал е еден од нив. Низ својата млада кариера која доправа требаше да се развива и да го чува голот, настапуваше за Мал Ајакс од Штип, беше во младинските категории на скопски Вардар, потоа беше дел од Брегалница и Кит Го од Пехчево.

Во големата трагедија животот го загуби и младиот кошаркар Петар Ивановски, кој настапуваше за кошаркарскиот клуб Баскет Дино од Кочани, информација која ја потврди и самиот клуб.

Ивановски беше најдобар играч на М-14 турнирот, а својата кариера ја започнува на најмала возраст и важеше за голем талент пред кого доправа ќе се развиваше голема кариера.

Во големата трагедија во Кочани загинаа 59 лица, а голем број на лица се хоспитализирани, дел од нив и во странство.3

Александар Ванев, М-Нет