Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Ефикасноста на институциите во процесот на издавање на дозволи за обновливи извори на енергија (ОИЕ)‘‘ со што даде придонес кон остварувањето на целите на Националната развојна стратегија во делот на „Зелената трансформација“, преку постепена замена на производството од јаглен со капацитети од ОИЕ и надминување на одредени слабости во воспоставениот систем за издавање на дозволи за изградба на фотонапонски електроцентрали (ФЕЦ).
Опфатен е периодот од 2022 до 2025 година, со цел да се даде оценка за воспоставениот систем за издавање на дозволи за изградба на ФЕЦ од аспект на законска усогласеност, институционалната координираност, ефикасно и навремено спроведување на процесот од страна на надлежните институции вклучувајќи го и надзорот и мониторингот над истите.
Со спроведената ревизија стекнато е разумно уверување дека во периодот од 2022 до мај 2025 година, воспоставениот систем за издавање на дозволи за изградба на ФЕЦ, не овозможил целосна законска усогласеност, навремено планирање, координирано институционално постапување, како и ефикасно спроведување на дел од постапките при издавање на дозволи за ФЕЦ.
По донесување на новиот Закон за енергетика во мај 2025 година, иако се забележува напредок во планирањето на изградбата на нови капацитети за производство на електрична енергија, неопходно е навремено донесување на подзаконските акти, како и вршење соодветен надзор и мониторинг во начинот на имплементација на законските одредби.
До мај 2025 година изградбата на нови фотоволтаични електрани се одвивала без донесен Индикативен план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, иако истиот претставувал основа за планирање на новите производни капацитети и за утврдување на можностите за нивно приклучување кон електроенергетскиот систем.
Поради неговото недонесување, надлежните министерства не можеле да ги спроведуваат постапките за давање согласност за изградба на ФЕЦ предвидени со Законот за енергетика, ниту да дадат предлог до Владата за давање согласност за изградба на ФЕЦ на земјиште со инсталирана моќност над 10 MW, со што одобренијата за градење се издавале само врз основа на Законот за градење, кој не предвидувал ваква согласност.
Дополнително, недоволната интероперабилност меѓу институциите при обезбедувањето на потребната документација по службена должност влијаела врз динамиката и ефикасноста на постапките за издавање овластувања за изградба на ФЕЦ со моќност над 10 MW. Начинот на постапката за изградба на ФЕЦ од мај 2025 година целосно бил променет, при што е предвидено на државно ниво секоја година да се носи годишен плански документ.
Ревизијата утврди дека Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година навремено е донесен, но во истиот не учествувале сите институции определени со закон, меѓу кои и 74 општини кои имале обврска да донесат општински енергетски планови. Причината за тоа е не навремено донесување на подзаконскиот акт во кој требало да се пропише формата и содржината на општински енергетски планови и методологијата за нивна изработка. Дополнително, не е донесен ниту подзаконскиот акт за начинот на исполнување на критериумите под кои се добива овластување за изградба на електроенергетски објекти од страна на надлежното министерство и не е формирана Комисија за доделување на овластувања за изградба на енергетски објекти, што создава застој во издавањето на овластувања за изградба на електроенергетски објекти со моќност еднаква или поголема од 1MW.
Ревизијата утврди дека до ноември 2024 година не била јасно дефинирана надлежноста за постапување на институциите во процесот на издавање на одобренија за градење поради системска слабост во Законот за градење, во кој градбите за фото напонски панели за производство на електрична енергија кои се градат на земјиште биле издвоени како градби од втора категорија без притоа да се дефинира моќноста на електроцентралата што е услов за категоризација на градбите (прва или втора категорија на градби).
Констатирани се случаи на издавање одобренија за изградба на три ФЕЦ на земјиште, од кои две, со моќност од 19 MW и 174 MW, се издадени во јануари 2024 година, а едно, со моќност од 337 MW, во декември 2023 година, спротивно на позитивните законски прописи. За овие градби од државно значење, одобренијата за градење биле издадени од општината на чија територија е предвидена нивната изградба, наместо од надлежното министерство кое е надлежно да постапува за оваа категорија на градби и Владата која треба да донесе Одлука за овластување за изградба на нови енергетски објекти. Дополнително, дел од субјектите надлежни за електроенергетска, водоводна и канализациона инфраструктура, доставувале мислења за можноста за приклучок на ФЕЦ во системот само од формален аспект.
Констатирани се и случаи на неусогласени податоци за моќност на ФЕЦ во документите издадени од различни органи, од друга страна издадени се две одобренија за градење на ФЕЦ врз основа на еден Извод за урбанистички план/проект за една градежна парцела, како и нееднаков третман на инвеститорите во однос на плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште за ФЕЦ, како и во поглед на дадениот временски рок за дополнување на предметите.
Не била постигната ефикасност на институциите во работењето ниту од аспект на навременост, целосност и следење на реализација на обврските на инвеститорите согласно издадените одобренија за градење на ФЕЦ. Со ревизијата е констатирано дека интересот за изградба на ФЕЦ се зголемува во периодот по настанување на енергетската криза (2021 и 2022 година), при што институциите на централно и локално ниво се соочиле со недостаток од обучен кадар од областа на законската регулатива што го уредува начинот на изградба на енергетските објекти, постапката за издавање одобренија за градба на ФЕЦ, вклучувајќи го и надзорот.
Целосно отсуствува надзорот над спроведувањето на одредби од Законот за енергетика од страна на општините, додека бројот на извршен инспекциски надзори над техничка опрема, вградена и инсталирана во ФЕЦ е незначителен. Исто така, кај општините кои беа опфатени со ревизијата е утврдено делумно или целосно отсуство и надзор над спроведувањето на обврските на инвеститорите пропишани во издадените одобренија за градење на ФЕЦ. Не се создадени услови ниту за ефикасен мониторинг врз ФЕЦ поради нецелосен и неусогласен Регистар на електроцентрали, но и поради неуредена категоризација на отпад од опремата од ФЕЦ и складиштата за енергија, како предуслов за негова селекција со цел навремена заштита на животната средина и здравјето на луѓето. За утврдените состојби ревизијата даде препораки со чија реализација се очекува надминување на причините за утврдените состојби.
Текстот Три фотоволтаични електрани добиле одобренија спротивно на законските прописи, открија ревизорите е превземен од МАКФАКС.