
Брегалница денес под водство на искусниот стратег Влатко Костов ги започнува подготовките за пролетниот дел од сезоната во Втората македонска фудбалска лига, од тимот има три заминувања – Хусеин Демири, Дарко Алексовски – Пеле и Еди Мандак повеќе не се дел од Брегалница.
Тимот од Штип засега го договори и веќе го промовираше Бојан Рајков, кој доаѓа од редовите на прволигаш Силекс и всушност е повратник во Брегалница.
Во следните денови се очекува да пристигнат уште неколку засилувања, според наши информации се водат преговори за да се ангажира уште неколку засилувања за вториот дел од сезоната, а во кој „сините“ ќе водат битка за влез во Првата македонска фудбалска лига.
Брегалница пролетниот дел ќе го стартува од третата позиција со 33 бодови, два помалку од Шкендија Арачиново која е втора, а три помалку од лидерот Охрид.
Во првото пролетно коло тимот од Штип ќе гостува во Гевгелија каде ќе игра против Кожуф, нивното прво меѓусебно соочување од оваа сезона кое се играше во Штип, заврши без победник и без погодоци (0:0).
Александар Ванев, М-Нет