
По протестот на оризопроизводителите во Облешево, средба со земјоделците оствари и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски. На средбата присуствуваше и директорот на АД Водостопанство. Како што посочи Трипуновски водата ќе биде пуштена уште денеска, со што се очекува навремен почеток на сеидбата на оризот. Дополнително, се очекува подобрување на хидролошката состојба, бидејќи во наредните денови се очекуваат интезивни врнежи од дожд.
„Денеска сум овде повторно по не знам кој пат на уште еден состанок со оризопроизводителите. Она што до сега беше хидролошката состојба имаше потреба за одредени прилагодувања. Но она што утрово го добив како информација е дека наредните денови ќе имаме интезивни врнежи од дожд што значи дека хидролошката состојба далеку ќе се подобри. Водата уште денеска ќе биде пуштена и до 15 мај треба да се заврши сеидбата.“ – вели Трипуновски.
На почетокот на средбата оризопроизводителите го искажаа својот револт, додавајќи дека хаотична е состојбата кога е во прашање почетокот на сезоната за сеидба на оризот. Очекуваат новите ветувања да бидат исполнети и нивите повторно да се засеат со ориз.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет