Триесет студенти од Кочани ги потпишаа договорите за општинска стипендија од 30.000 денари

Триесет студенти, жители на општина Кочани денеска ги потпишаа договорите за општинската стипендија. Тие ќе добиваат десет месеца по 3.000 денари, финансиски средства кои треба да им помогнат во текот на студирањето. Од Општина Кочани напоменаа дека одбиени се само четири апликации со соодветно образложение.

„И оваа година Општина Кочани успеа да ги анимира студентите и да аплицираат за општинска стипендија. Од вкупно 34 апликации за добивање стипендија, само четири се отфрлени заради тоа што станува збор за студенти од приватните факултети или со нецелосни документи, а останатите 30 ја добија општинската стипендија. Стипендијата се доделува за период од десет месеца во висина од 3.000 денари“, велат од Општина Кочани.

Студентите кои ги потпишаа договорите посочија дека се благодарни за ваквата финансиска поддршка од Општината, додавајќи дека ќе им овозможи подобри услови за студирање.

„Јас сум студент на Општа медицина при УГД – Штип и првпат аплицирам за општинска стипендија. Оваа стипендија ќе ми помогне многу во студирањето“, вели Дејан Борисов.

Договорите им ги врачи градоначалникот, Љупчо Папазов, кој ги поздрави студентите и им посака успех во студирањето.

„Честитки за добиените стипендии, се надевам дека ќе бидат искористени за вашите вистински потреби, ви посакувам да дипломирате и да бидете успешни граѓани на општина Кочани. Ви посакувам наменски да ги користите стипендиите, многу брзо да дојдете до патот по кој сте тргнати, да се стекнете со академски звања на дипломирани студенти на соодветните факултети и се надевам дека ќе имаме можности и понатаму ако аплицирате, да учествувате во објавите кои ќе следат од Општина Кочани

Според Конкурсот, право на стипендија имаат само студенти на државните универзитети, а стипендијата важи почнувајќи од септември, па до јуни за студиската 2023/2024 година.

Ребека Спасова М-Нет