Трета година по ред СОУ „Коле Нехтенин“ ќе учествува на Лего лигата, темата оваа година е чистење на океаните


Трета година по ред СОУ „Коле Нехтенин“ Штип ќе учествува на Лего лигата, која ќе се одржи на 1 март во сабота во Скопје. Тимот од пет ученика и нивниот наставник постојано вежбаа, а како што посочија подготовките се при крај. Темата на натпреварот е чистење на океаните со помош на технологиите.

„Ова ни е трета година по ред како учествуваме на лего лигата, подготовките се веќе при крај, ги финализираме проектите и сѐ околу вежбите што ќе треба да се прават на натпреварот. Оваа година темата за натпреварот е чистењето на океаните односно треба да се најде решение како ние би можеле да ги исчистиме океаните со помош на технологии“ – вели Божинова.

Средношколците со помош на роботика изработија нивни проект преку кој ќе се помогне да се чистат океаните на иновативен начин.

„Со помош на овој натпревар кој е базиран за чистење на океаните да симулираме како може да се чистат океаните со помош на роботика. Ние треба да направеме и наша проект идеа со што ќе можеме да помогнеме на океаните да ги исчистиме со некој иновативен начин“ – вели Кангалов.

Македонија на натпреварите во Лего лигата учествува седми пат по ред. Натпреварувањето е на светско ниво.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет