Тимот на Малеш со нови засилувања ќе атакува за самиот врв на третолигашката табела

Фудбалерите на Малеш во Берово ги интензивираат подготовките за пролетната полуетапа која се очекува да биде уште пожестока за изгледот на самиот врв на табелата. Тренерот Дамјан Аврамски во денешниот разговор нагласи дека се е во ред со играчкиот кадар кој за разлика од есенскиот дел е осетно засилен со неколку квалитетни имиња. Нови играчи во Малеш засега се голманот Миќи Георгиевски и играчот Филип Гоцевски кои доаѓаат од екипата на Каменица Саса, како и Миле Димитров кој дојде од тимот на Карбинци. Повратници во беровскиот третолигаш се играчите Давид Јанчевски, Васко Дујовски и Александар Мишовски а се преговара и со неколку млади играчи од соседните фудбалски клубови. Раководството на клубот преговара за одигрување на неколку контролни натпревари од кои најсигурен е мечот со Кит Го Пехчево, но сеуште не е утврден точниот термин за одигрување. Инаку првенството во Третата фудбалска лига на Македонија – Исток ќе започне на 14 март а во првото коло во Свети Николе ќе се сретнат Овче Поле – Малеш.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk