
За продлабочување на соработката со Народна Република Кина средба со кинескиот амбасадор остварија и од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Меѓусебна соработка има уште од минатата година, истакна проректорот за настава, Мишко Џидров, меѓутоа се разговара и за соработка насочена кон бизнис секторот. Дел од заедничките активности се повеќе проекти кои ги опфаќаат Факултетот за земјоделски науки и Факултетот за медицински науки, но тема на разговор се и повеќе други идеи.
„Денес ја имаме таа чест во УГД да присуствува кинескиот амбасадор. Со Амбасадата од мината година започнавме некоја соработка преку „онлајн“ активности и беше донирана опрема којашто се користи во Кампус 2. Веќе во оваа година продолжуваме со потпишување на еден нов меморандум за соработка на Универзитетот во Кина, којшто многу брзо ќе продуцира и можност за отворање на центар којшто ќе овозможи и соработка помеѓу професорите, размена на студенти, но и помош кон бизнис секторот за да се воспостават подобри комуникации со Кина. Нашиот Универзитет досега има потпишано повеќе меморандуми за соработка, повеќе проекти со Кина, така што продолжуваме со сите овие можности“, истакна Џидров.
Кинескиот амбасадор го истакна своето задоволство за средбата токму во годината кога Универзитетот ја одбележува својата 15-годишнина. Како што дополни, целта и понатаму ќе биде единствена – развој на образованието кое е основа на општеството.
„Во Кина секое дете има пристап до стручна едукација. За да имаме отворање на високо квалитетни образовни системи се стремиме да имаме поголема размена на студенти и преку тоа меѓусебна соработка. Кина е подготвена да ги зголеми подготовките со другите источни европски земји, вклучувајќи ја и Македонија за подобра инфраструктура и соработка. Ние имавме многу добри соработки со Универзитетот „Гоце Делчев“, претходната година имавме многу активности. Претходната година имавме кинески фестивал и семинар за промоција на кинеската филозофија. Ние веруваме дека образованието е основа за развој. Кина е подготвена интензивно да ги зголеми соработките со земјава. Ние сме подготвени да изнајдеме повеќе платформи за образованието на овие две земји и Кинеската амбасада е исто така подготвена да изнајде повеќе можности за овој Универзитет и Универзитетот во Кина“, истакна кинескиот амбасадор.
Амбасадорот ги покани професорите и студентите да ја посетат Народна Република Кина и да се одлучат на размена, а исто така да ја посетат и Амбасадата во Скопје, каде би разговарале за повеќе актуелни теми.
Ребека Спасова М-Нет