Со трета доза вакцина во Кочани и Штип се вакцинираат претежно здравствени работници

Во Кочани со трета доза се вакцинираат само здравствени работници, во Штип има и заинтересирани граѓани над 60 години. Ваквата состојба на вакциналните пунктови е од причина што во Кочани кај повеќето втората доза е аплицирана во месец јули, па не се поминати шест месеци. Во Штип, пак, иако првиот ден имаше проблем со системот, сега веќе активно се аплицира и трета доза.

„Во тек е веќе и вакцинацијата, започнавме со трета доза. Веќе имаме неколку здравствени работници вакцинирано, со тоа што тоа се, ќе напоменам, здравствени работници кои веќе имаат примено втора доза и поминати се шест месеци од втората доза. Тука причината е тоа што ние во април месец почнавме да вакцинираме со „АстраЗенека“ по првичните препораки, значи, втората доза, односно ревакцината на тие пациенти им беше на 84 дена, односно во јуни месец. Затоа во овој момент немаме доволно голем интерес за вакцинација со трета доза, затоа што уште не се поминати тие шест месеци од втората доза“, информираше координаторот за вакцинација во Кочани, Иле Постолов.

„Кај нас се одвива вакцинацијата со трета доза, а забележуваме и интерес од граѓаните. Претежно вакцинираните се здравствени работници од Клиничка болница Штип, но имаме и заинтересирани граѓани кои се над 60 години, а кај кои поминале шест месеци од втората доза. Денес до 13 часот аплициравме пет трети дози.“ – додава координаторката за вакцинација во Штип, Дијана Коцева – Миланова.

Во меѓувреме, сè уште се одвива и вакцинацијата со прва и втора доза вакцина. Во Штип просечните бројки се 70 – 80 граѓани кои се вакцинираат на дневно ниво. Во текот на денешниот ден се вакцинирани 50 граѓани. Од нив, повеќето се со први дози, бидејќи за денес нема закажано ревакцини, но доаѓаат граѓани кои претходно ги пропуштиле термините, информира координаторката.

„Во моментов се одвива вакцинација и ревакцинација на населението во Кочани. Ревакцинацијата се одвива со „Фајзер“ со „АстраЗенека“ и со „Синовак“, додека за прва доза ни се достапни „Фајзер“ и „АстраЗенека“ и, секако, вакцинацијата со прва доза оди без термин“, додава Постолов.

Дополнително, за трета доза се аплицираат само „Фајзер“ вакцини без разлика на тоа со која граѓаните се вакцинирани претходно, а се врши и постојана достава во случај на недостиг на количини.

На територија на цела држава барем една доза вакцина примиле вкупно 785.963 граѓани.

Ребека Спасова МНет