Со традиционалните ноќна трка и свечена седница, Штип ќе го одбележи Денот на ослободувањето

Со традиционалната осмоноемвриска ноќна трка, вечерва ќе започне одбележувањето на Денот на ослободувањето на градот Штип. На потегот од мостот кај градската црква „Св. Никола“ до Гимназијата „Славчо Стојменски“ за медали и пехари ќе трчаат основците од петте основни училишта во градот, средношколците од четирите средни училишта и припадниците на македонската Армија. За време на трката улицата ќе биде затворена за сообраќај.

„По повод одржување на традиционална ноќна трка, ве известуваме дека денес од 17:00 до 19:00 часот на потегот од црквата „Св. Никола“ до Гимназијата „Славчо Стојменски“ ќе биде запрен сообраќајот и забрането паркирањето на паркинг просторот. Молиме возилата да ги користат паркинг-позициите на други локации.“ – известија од ЈП „Стипион“.

Програмата за Денот на ослободувањето ќе продолжи и утре, кога централниот настан е 79. свечена седница на Советот на Општина Штип.

„По повод 79-годишнината од ослободувањето на градот Штип, Локалната самоуправа организира низа настани, коишто започнуваат оваа вечер, во 18:00 часот, со традиционалната ноќна трка. Утредента, на самиот Ден на ослободувањето – 8 Ноември, од 10:00 часот ќе се полагаат букети-цвеќе на Комплексот на револуцијата, на тврдината Исар. Од 11:00 часот, градоначалникот и претседателот на Советот ќе присуствуваат на Митровденските средби во Библиотеката „Гоце Делчев“, каде што ќе бидат промовирани новите доктори на науки и од 12:00 часот, во Економскиот факултет, ќе биде одржана свечена седница на Советот на Општина Штип, на која ќе бидат доделени осмоноемвриските признанија за исклучителни достигнувања и промоција на градот Штип“, најави Трајче Здравков, шеф на Кабинетот на градоначалникот.

Инаку, годинава Советот одлучи да се доделат десет признанија на граѓани и здруженија кои придонеле за развојот на градот во својата област на дејствување. Меѓу нив се д-р Светлана Кордумова-Трајанова, тројца професори – д-р Дарко Лазаров, д-р Андон Мајхошев и Тоше Митров. Признанија ќе се доделат и на прим. д-р Ванчо Органџиски, Далибор Николовски – Дачо, Бобан Данов, Здружение на акцијаши-волонтери „Пат на младоста“ – Штип, Центар за балетска уметност „Арабеска“ и Јога друштво Штип – Центар за јога обука.

Ребека Спасова М-Нет