
Со солзи во очите и носталгија по најблиските што се далеку, граѓаните на Штип и годинава го одбележаа Денот на независноста – 8 Септември. На централниот настан во градот, пред нашите камери, испратија искрени пораки – да има повеќе можности дома, а нивните деца да се вратат од странство. Со желба за подобра иднина и обединети во одбележувањето, Штипјани со достоинство се потсетија на значењето на овој ден.
Горди македонци и патриоти се и оние кои што си заминаа од државата, додаваат граѓаните. Велат пасошот не сакаат да го променат, па неколку години се уште не се враќаат.
Инаку, nа 8 септември 1991 година, граѓаните со убедливо мнозинство се изјаснија за самостојна и суверена држава. Со речиси 96 проценти „за“, беше донесена една од најважните одлуки во поновата македонска историја. Тивко, достоинствено и демократски, беше поставен темелот на современата македонска државност. Тогашниот претседател Киро Глигоров беше клучна фигура во процесот на оформување и меѓународно признавање на државата.
Иван Митев, М-Нет