Со слаба побарувачка и исти цени како претходниот четврток беше првиот пазар во март во Кочани

Прв мартовски пазар во oпштина Кочани. Времето – облачно, но сепак можеше да се забележи раздвиженост на градскиот пазар. Граѓаните ги задоволуваат основните потреби за живот, бидејќи, како што кажаа позади објективот на нашата камера, во маркети и продавници веќе сѐ е со покачена цена. Барем овошјето и зеленчукот, но и грав, леќа, ориз да се купат по пониски цени. Инаку, според нив, пазарот е прилично скап. За произведувачите кои своите производи ги пласираат на градскиот пазар во Кочани цените остануваат исти, дури се следи и некој тренд на намалување на истите. На пример, лукот од 300 денари денеска се продаваше за 200 денари.

„Цената е иста во однос на минатиот пазар, меѓутоа ако се предвид дека инфлацијата е околу 6% и нема некое покачување. Марулата е 20 денари, спанаќот е 50 денари“, вели еден од продавачите.

„Побарувачката е малку слаба, а цените се исти. Некои цени на одредени продукти се и подолу. Компирот е 30 и 40 денари, лукот од 300 денари оди на 200“, додава друг продавач.

„Најпобарувани производи се јаболката, лимоните, краставиците“, вели една купувачка.

Граѓаните на градскиот пазар во Кочани денеска пред сѐ бараа сезонско овошје и зеленчук, по цени речиси исти од пред месец – два. Произведувачите, односно продавачите се надеваат дека побарувачката ќе се зголеми во наредниот период, бидејќи вака егзистенцијата е многу тешка.

Лаура Стојанова М-Нет