
Денот на победата над фашизмот, 9 мај, се одбележа и во Штип со положување цвеќе пред Алејата на народни херои. Претставници од Локалната самоуправа, Советот на Општина Штип, Армијата, УГД, образовни и културни установи, семејствата на загинатите бранители Влатко Петров и Димитар Двојаковски и политички партии на симболичен начин оддадоа чест на сите загинати, а за пригодата зборуваше претседателот на Сојузот на борци, Петар Мицевски.
„Овој ден има своја немерлива историска димензија и вредност и во светски размери, бидејќи на 9 мај 1945 година триумфално и со блескава победа заврши победоносниот од и пад на ослободителната борба на силите на Антихитлеровската коалиција и алијанса. Тоа значеше и дефинитивен крах и дебакл на поробувачката и окупаторска политика на фашистичките агресори. 9 мај 1945 година е грандиозен настан, епохален ден со кој се потврди победата на коалицијата на мрачните и брутални апокалиптички сили на Германскиот Рајх со неговите сателити: Италија, Јапонија; и со фашистичките поддржувачи: Шпанија, Бугарија, Унгарија, Романија“, зборуваше во својот пригоден говор претседателот на Сојузот на борци, Петар Мицевски.
Во оваа пригода Мицевски потсети и на патот на Македонската народноослободителна војска кон стремежот за потполно национално ослободување.
„Нашата војска од 1941 до 1945 година помина славни борбени патишта и епохални битки во кои постојано му нанесуваше тешки материјални и формациски загуби на германскиот и бугарскиот фашистички окупатор. Со надчовечки напори беа дел од сите тешки битки“, додаде Мицевски.
Деветти мај се обележува како Ден на победата над фашизмот, бидејќи со капитулацијата на нацистичка Германија заврши Втората светска војна во Европа. Исто така, овој ден е прогласен и за Ден на Европа со тоа што францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, објуави декларација со која повикува на воспоставување нов поредот без конфликти меѓу европските земји.
Ребека Спасова М-Нет