
Со едноминутен молк, положување свежо цвеќе и интонирање на химните на Македонија и Србија, денеска во Штип беше одбележана 113-годишнината од Брегалничката битка. Претставници од Македонија, Србија и Црна Гора им оддадоа почит на загинатите борци, нагласувајќи го историското значење на една од најголемите битки во Втората балканска војна. Во своето обраќање, претставниците од Србија истакнаа дека Брегалничката битка ја сметаат за една од најзначајните битки во ослободителните војни водени во периодот од 1912 до 1918 година.
„Тие ја барале бугарската тврдина Силистра на Дунав како услов за да останат неутрални во Првата балканска војна. Тоа бил услов што Бугарија не била подготвена да го прифати. Охрабрена од Австро-Унгарија, без претходна објава на војна, Бугарија на 30 јуни 1913 година ги нападнала српската и грчката војска, со што започнала Втората балканска војна. Во исто време започнале и борбите на српскиот фронт. Најголемата пресметка била Битката на Брегалница, која се водела од 30 јуни до 9 јули 1913 година меѓу српската и бугарската војска, во реонот на реката Брегалница и Малешевските Планини, на околу 215 километри југоисточно од Скопје. Таа се смета за најзначајната битка во Втората балканска војна. Во судирите двете страни претрпеле големи загуби, а Битката на Брегалница останала запаметена како една од најзначајните битки во ослободителните војни водени во периодот од 1912 до 1918 година“, истакнаа претставниците од Република Србија
И по повеќе од еден век, Брегалничката битка останува дел од историското наследство на регионот, а годишнината традиционално се одбележува во Штип со оддавање почит на загинатите борци.
Иван Митев, М-Нет