
Од 28 до 30 август во Берово ќе трае празнувањето на големиот празник Пресвета Богородица. Со голем број културно забавни настани на плоштадот во Берово, како и народен собир на црквата Пресвета Богородица и годинава ќе се одбележи празникот. Манифестациите започнуваат со Малешевско ѕвонче.
„Како и секоја година и годинава празнувањето започнува од 28 август и трае до 30 август. Годинава во ист ден ќе биде и културниот дел и во текот на денот ќе има собор на Пресвета Богородица. Настанот започнува со Малешевско ѕвонче“ – вели Пеќевски.
Подоготовките се при крај, сместувачките капацитети во Берово веќе се пополнети па се очекува голема посетеност од страна на граѓаните од цела држава. Градоначалникот Пеќевски упати и јавна покана до сите заинтересирани последниот викенд од август да го поминат во Берово.
„Подготовките во делот на организацијата се при крај, очекуваме голема посетеност и практично можност да се презентира дел од нашата национална култура. Секако овде значаен настан е Малешевието на дланка, саемот на локални производи. Годинава имаме далеку поголем број на учесници. Се надевам дека сите тие настани овие три дена ќе овозможат голема посетеност на Берово.“ – додава Пеќевски.
Дополнително упати апел до сите граѓани да бидат внимателни, беровчани да се покажат како добри домаќини, а посетителите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет