Социјалното претприемништво како ефикасен модел за вработување на ранливите групи граѓани

Одржан првиот Регионален саем на социјални претпријатија од Источниот регион. На истиот, 20 социјални претпријатија и граѓански организации ги презентираа своите производи и услуги на Градскиот плоштад во Штип. Целта на активноста беше да се претстави дејноста на организациите и нивниот пристап во решавање на социјалните проблеми.

„Претпријатијата, невладините организации и малите фирми – трговци кои денес се присутни на саемот од наш страна и од страна на останати чинители во развој на оваа политика се идентификувани како потенцијални социјални претпријатија, бидејќи имаат еден заокружен процес на производство во којшто реинвестираат за доброто на регионот. Солидарноста, вклучување на ранливи групи, одржливо управување… Токму поради тоа е овде денес на настанот“, истакна Зујица Ангелова, Директор на Центарот за развој на Источен плански регион.

„Штип е центар на регионот за развој на социјалното претприемништво. Ние како локална самоуправа се обврзуваме да дадеме поддршка на развојот на социјалното претприемништво, на социјалните претпријатија, но исто така и институционална поддршка со цел анимирање и вклучување на оваа категорија наши граѓани кои би дале придонес не само во Штип, туку и во целиот регион. Навистина ми е драго што Штип е домаќин на овој настан и јас се надевам дека ќе успееме да направиме Законска регулатива за да го поддржиме овој настан“, истакна градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Ваквиот модел се спроведува и во Полска, каде се покажал како ефикасен за социјална интеграција и вработување на ранливите групи граѓани. Нивното искуство покажува дека ваквите претпријатија се можност да ги подобрат нивните животни услови и да изградат чувство на припадност и корисност, за што зборуваше и претседателката на Фондацијата „Барка“ од Полска и организаторка на настанот.

„Сакам да споделам со вас една многу важна информација. Сега во Македонија имаме усвоено стратегија за развој на социјално претприемништво. Оваа стратегија има четири главни компоненти: легислатива, структура за поддршка на социјално претпријатие, финансиски инструменти и едукација и едукација на социјално претприемништво“, вели претседателката, Барбара Садовска.

Прашањето за економска одржливост на овие претпријатија и организации се одговара токму со социјалното претприемништво, преку што корист ќе имаат и организациите и социјалните групи граѓани.

„Една од можностите е социјалното претприемништво, односно формирање непрофитни фирми, компании, преку кои што маргинализираните групи граѓани ќе добиваат можности за вработување, а исто така и самите организации ќе можат да се самофинансираат и да организираат поголем број активности за да ги помагаат своите целни групи“, посочи Драгана Митровиќ од Младинскиот клуб – Штип.

Саемот во Штип е еден од промотивните настани, а вакви или слични ќе се одржат и во сите региони низ земјава.

Ребека Спасова МНет