Соочување на Победа и Вардар Неготино во Прилеп, натпревар кој ќе одлучува во битката за директен опстанок и на двете екипи!

ФОТО: М Нет телевизија

Во сабота во рамки на 23. коло на Втората лига во Прилеп ќе се соочат екипите на Победа и Вардар Неготино, во меч важен и за двете екипи, натпревар сигурно ќе решава кога е во прашање директниот опстанок и на едните и на другите.

Победа е на 11-тото место со 23 бодови, а пак Вардар Неготино со два бода помалку односно 21 бод е на 13-тото место или само место над бараж зоната.

Натпреварот е од капитална важност и за двете екипи кои сакаат директен опстанок во Втората лига, а со оглед на тоа дека Осогово е во бараж зоната на четири бодови од Вардар Неготино и на шест од Победа, прави притисок кон овие екипи кои сакаат позитивен резултат.

На првото соочување од тековната сезона Победа со 1:2 го доби Вардар Неготино на „Цвај арената“.

Во Победа започнаа да дуват позитивни ветришта со надеж дека овој клуб ќе се врати на старите патеки и ќе биде конкурентен тим од следната сезона и за влез во Прва лига, но прво ќе мора да го птоврди опстанокот во Втората лига. Минатата сезона Победа преку бараж совладувајќи го Куманово остана во Втората лига, а поучени од тоа прилепчани не сакаат нов бараж, туку сакаат директен опстанок, бидејќи и бараж ќе биде многу потежок во однос на ланската сезоан бидејќи има силни и квалитетни третолигаши.

Натпреварот меѓу Победа и Вардар Неготино се игра на стадионот „Гоце Делчев“ во Прилеп, сабота од 15 часот.

Александар Ванев, М-Нет