
Скап за многумина денешниот пазар во Штип, каде граѓаните масовно пазарат за празникот Архангел Михаил. Уште од рано утро се гледаат полни кеси со праз, зелка, тиква и краставици, производи што денес се меѓу најбараните. Од овошјето доминираат јаболката и мандарината, без кои ретко кој си заминува од пазарот. И покрај високите цени, граѓаните велат дека мора да се подготви празничната трпеза. Во продолжение анкетираните раскажуваат за нивното мнение.
Продавачите се категорични дека денес најбарани се зелката и празот, кои најбрзо се распродаваат од тезгите. Велат дека граѓаните со овие намирници најчесто ја започнуваат набавката, бидејќи веќе се подготвуваат за новогодишните празници.
Инаку, овој петок се продаваше и јапонско јаболко, мушмули, чаеви, свежи јајца, како и домашна ракија и вино, за оние кои имаат празни рафтови во визбите и подрумите.
Иван Митев, М-Нет