Сите деца од детските градинки еднаш неделно ќе добиваат свежо домашно овошје

Кајсии, праски, сливи, круши и јаболка од прва класа од денеска па до декември ќе делат на сите деца во детските градинки низ државата. Овошјата се произведени во нашите овоштарници, а се под строг мониторинг на Државниот инспекторат за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство и во градинките ќе се дистрибуираат еднаш неделно за сите 38.000 деца.

„Започнуваме со 90.000 килограми кајсии, кои денеска се дистрибуираат низ сите градови и села во државава. По дистрибуцијата на кајсиите, ќе започне дистрибуција на 175.500 кг праски, па потоа 168.000 кг сливи и на крај заклучно со декември ќе се поделат 74.000 кг круши и 370.000 кг јаболки. И тоа сите домашни, македонски, од прва класа и произведени во нашите овоштарници, од нашите земјоделци. Одгледани под ова наше парче небо и зреени со македонското сонце, кое раѓа вкус кој се памти цел живот“, вели министерот Николовски.

Министерката Тренчевска посочи дека здравата исхрана е од особено значење за правилен психо-физички раст и развој. Со оваа активност, вели таа, ќе се подигне свеста за значењето на овошјето во секојдневната исхрана, а ќе се развијат навики за негова консумација од најмала возраст.

„Како следна активност која е предвидена за периодот којшто следува е едукација за грижа и превенција на здравјето во детските градинки во соодветни услови преку соодветна и правилна исхрана. Со оваа едукација ќе бидат опфатени сите стручни лица вработени во детските градинки, како и едукација на децата и родителите“, посочи министерката Тренчевска.

За оваа активност се издвоени 40 милиони денари со кои ќе се откупат 880.000 килограми. Минатата година беа откупени околу 750.000 килограми домашни јаболка кои се доставија до 350 основни училишта, односно до сите 186.000 ученици.

Ребека Спасова М-Нет