
Тиквеш и Брера Струмица во Кавадарци меѓусебно ќе бараат триумф во последното есенско коло во Првата македонска фудбалска лига.
Тиквеш е на дното од табелата со само една победа во тековната сезона и повеќе од јасно е дека ќе бара три бодови со цел со триумф да го заврши есенскиот дел, а со иста цел ќе биде и Брера Струмица.
15-тото коло го носи „езерското дерби“ на Струга Трим Лум и Воска Спорт каде и двете екипи сакаат три бодови. Струга за атак на првото место и одбрана на титулата, а пак Воска Спорт за директен опстанок.
Беса на домашен терен ќе се обиде да дојде до позитивен резулта против Шкупи, но со тоа да излезе и од резултатската криза бидејќи има три последователни порази со вкупно четири порази и едно реми на последните пет мечеви, додека пак Шкупи после пет порази во низа славеше голема победа над Струга.
Шкендија и Гостивар ќе играат дерби за врвот од табелата каде лидерот од Тетово и поранешен шампион ќе биде благ фаворит поради домашниот терен, а со оглед дека нема публика, атмосфера воопшто и ќе нема.
Во Кратово ќе се соочат Силекс и Вардар каде кратовскиот тим кој е во одлична форма сака нови три бодови за да може да избие одново на врвот од табелата, а пак Вардар сака триумф за да излезе конечно од опасната зона.
Работнички есенската полусезона ја затвара на домашен терен против Пелистер.
Натпреварите се играат утре со почеток од 13 часот.
Александар Ванев, М-Нет